ОПУШТЕНО ДРУЖЕЊЕ СО ГОРАН МИХАЈЛОВСКИ – „САКАМ ДА КАЖАМ“ НА САЕМОТ НА КНИГА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во опуштена атмосфера вчера  на штандот на „Матица“  на Саемот на книга во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје, читателите се дружеа со Горан Михајловски, автор на колумната „Сакам да кажам“, по повод излегувањето на последната книга со збирка колумни.

Михајловски ги потпишуваше примероците од петтата книга „Сакам да кажам“. Станува збор за колумните објавени во весникот „Вест“ во периодот од 2012 до 2015 година, и со тоа се заокружува животот на овие колумни во печатено издание. Од јануари 2016, колумната излегува само на Интернет.

Гостите разговараа со авторот весело прашувајќи што ќе напише идниот петок (Фото: М. Златевска)

Гостите разговараа со него за нивните впечатоци од неговите колумни, весело потпрашувајќи го за што ќе пишува следниот петок.

Колумната „Сакам да кажам“ постои 27 години. Тоа е најдолготрајната и најпопуларна колумна во историјата на македонското новинарство. Првата колумна е објавена на 12 јануари 1991, во саботното издание на весникот „Вечер“, од јули 2000 до декември 2015 излегуваше во „Вест“ , а од 2016 е заштитен бренд на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

Михајловски вели дека издавањето на петтата книга (2012-2015) требало да биде славеничко за да се одбележи четврт век откако тој ги бележи настаните во Македонија. Но, на крајот на 2015 тој беше приморан да го напушти весникот кој го основаше и го водеше 15 години и бидејќи останал без работа, вели дека тогаш не му било до славење.

Петтата книга од збирката колумни „Сакам да кажам“ неодамна беше издадена од „Матица“ (Фото: М. Златевска)

„Се случи токму овој период од 2012 до 2015 да биде најтегобниот период – и за мене лично, и за професионалното новинарство и за колумната. Тоа е период кога систематски се уништуваше весникот ‘Вест’ во кој секоја сабота излегуваше колумната, а јас трпев и лични и професионални притисоци“, вели авторот.

Корицата на книгата ја дизајнираше уметникот Зоран Кардула.

Книгата чини 490 денари, а достапна е во книжарниците на „Матица македонска“ , како и на Саемот на книга, кој завршува денеска.

Архивата на сите колумни на Михајловски од 1991 до денеска се достапни на страницата САКАМДАКАЖАМ.МК, исто како и електронските изданија на претходните 4 книги.

Колумните објавени од јануари 2016 до сега се достапни и во аудио верзија на саундклауд каналот на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК.

Б. НЕСТОРОСКА