ФЕЈСБУК ПОЧНУВА ДА ПРАВИ СЕРИИ И ЈА АНГАЖИРАШЕ КЕТРИН ЗЕТА-ЏОНС

Лос Анџелес, (АФП)

Британската оскаровка Кетрин Зета-Џонс ќе глуми во црната комедија „Кралицата Америка”, првата голема серија што ја продуцира Фејсбук.

Четириесет и осумгодишната актерка, која во 2003 година освои Оскар за најдобра споредна женска улога во мјузиклот „Чикаго”, потврди дека ќе работи на проектот, соодветно, преку објава на Фејсбук.

„Многу сум возбудена поради мојот следен проект! Мислам дека ќе го обожавате”, напиша Зета-Џонс.

„Кралицата Америка” фрла поглед на светот на натпреварите за убавина во САД. Зета-Џонс ќе ја глуми безмилосната агентка Вики Елис, која е во голема потрага по девојки и жени кои се надеваат дека ќе бидат следната Мис Америка.

Десетте епизоди од по половина час ќе дебитираат на релативно новата видео-платформа на Фејсбук, Воч (Watch).

Во септември, Фејсбук за првпат се испроба во филмската продукција со „Странци”. Потоа кон крајот на април започна „Скем Остин”, а ќе се работи и драмска серија со Елизабет Олсен.

Aнгажирањето на Зета-Џонс претставува пресвртна точка за најголемата социјална мрежа во светот во нејзините напори да им понуди оригинална содржина на своите две милијарди корисници.