МОДАТА НЕ E САМО ОНА ШТО ГО ГЛЕДАМЕ, ТУКУ ТОА ШТО СТОИ ЗАД НЕА, РЕКОА МЛАДИТЕ И ИСКУСНИ ДИЗАЈНЕРИ НА МОДЕН ВИКЕНД СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Модата не е повеќе само она што го гледаме. Таа е она што стои зад тоа“, е пораката на младите и искусни дизајнери и говорници кои учествуваа на втората вечер (28 март) на 32. Моден викен Скопје.
Уникатна ревија одржаа студентите од насоката за моден дизајн на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот Балкански Универзитет.

Ревија на Георгија. (Фото: Ѓ. Ристоски и Г. Бошковски)

Се одржа и разговор за микропластика во соработка со Текстилното трговско здружение-Текстилен кластер.

Со #MadeWithSweden разговорот продолжи во меѓународен формат, поврзувајќи ја локалната сцена со нордискиот контекст преку онлајн вклучување. Настанот продолжи со јавен разговор и отворањето на изложбата „Зелена и одржлива мода: нордиско-балтичка приказна“.

Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија како и со амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија, во соработка со Македонското модно здружение и со поддршка од Нордискиот совет на министри.

Од колекцијата на Лана Мијахловиќ . (Фото: Ѓ. Ристоски и Г. Бошковски)

Под модерација на Ирина Михајлова, разговорот ги отвори прашањата за улогата на амбасадорите, значењето на нордиско-балтичката соработка надвор од регионот, како и потенцијалот за градење долгорочни партнерства со Западен Балкан.

Во вториот дел, менторката на резиденцијата, Ирина Тошева, ја пренасочи дискусијата од политичкиот контекст кон практичната примена. Дизајнерите Ане Шарлинг Тофт (Данска/Норвешка), Ана Рингстад (Норвешка), Јустина Семченкаите (Литванија), Тува Самуелсон (Шведска), Мико Пелтонен и Билел Сехли – HÄN (Финска), заедно со македонските автори Андреа Атанасова, Ивона Мицановска, Ева Давкова, Марија Роглева и Солза Поповска, говореа за одржливоста не само како концепт, туку и како конкретен метод на работа. Овој дел од вечерта заврши со изложба на нордиско-балтичките и македонските дизајнери.

Јавен разговор и отворање на изложбата „Зелена и одржлива мода: нордиско-балтичка приказна“. (Фото: Ѓ. Ристоски и Г. Бошковски)

На крајот, се одржаа уникатни модни ревии на Терзија, со колекцијата „Вртлог“, потоа Милица Ѓуриќ, Лана Михајловиќ, Јана Станишиќ, Лена Матиќ и Андреа Булајиќ кои ги претставија своите колекции како дел од платформа што не продуцира трендови, туку автори.

На крајот, публиката даде голем аплауз на ревиите на Георгија и Роберт Ивановски.