„СТОТРОЈКА“ ЌЕ СЛАВИ 35 ГОДИНИ СО КОНЦЕРТ НА МУЗИЧАРИ ОД ФРАНЦИЈА И ИТАЛИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 16 април од 21 часот, во „Буква“ во Скопје ќе се одржи музички настан во рамките на одбележувањето на 35 години постоење на радио „Стотројка“.

На сцената ќе настапат францускиот проект „Бо.сенберг“ и италијанското дуо „Електрик Растрело“ (фото).

Зад проектот „Бо.сенберг“ стои францускиот музичар Венсан Редел, кој со тапани и ефекти создава интензивен и индустриски звук инспириран од техно музиката од 1990-тите. Во изминатите години има настапувано на повеќе од 250 концерти во над 20 земји.

„Електрик Растрело“ е дуо составено од Матија Бенуци и Лучано Турела. Тие комбинираат електронска музика со тапани во живо, создавајќи енергичен звук со влијанија од техно, индустријал и диско.

Настанот е дел од програмата со која Радио „Стотројка“ го одбележува својот јубилеј како медиум посветен на современата музика и независната културна сцена.