Биографската книга „Фудбал под сенка“, посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, чиј автор е новинарот Срѓан Ивановиќ, ќе биде промовирана на 17 април во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ од 20 часот.
Книгата излегува постхумно, неполни четири месеци по смртта на Рингов, кој активно беше вклучен во нејзиното создавање. Денот на промоцијата, се поклопува со датумот на неговото раѓање. Рингов почина на 23 декември во 2025, по кусо боледување, на 70 години.
Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина-публикации“, ќе биде претставено од авторот Ивановиќ, уредничката Бисера Бендевска и едниот од синовите на славниот фудбалер, Марио Рингов. Тие ќе споделат свои видувања и сеќавања поврзани со создавањето на книгата, како и со ликот и делото на фудбалската легенда.
„Конечно добив шанса да ја раскажам мојата приказна без некој новинар да ме цензурира или да не сака да го објави тоа што сакам да ѝ го соопштам на јавноста. Конечно можам да зборувам за сите работи што ми тежат на срце. Конечно можам да ја раскажам мојата приказна. Головите никогаш не ме интересирале, па затоа не сакам да зборувам за нив. Освен неколку битни погодоци, не мислам дека тоа треба да биде моето наследство. Сакам да зборувам за фудбалот, за ФК ‘Вардар’, за луѓето. За луѓето што ги обележаа мојот живот и мојата кариера“, се вели во воведниот дел на книгата, напишана во прво лице, каде што нараторот е самиот Рингов.
Васил Рингов е роден на 17 април 1955 во Струмица. Кариерата ја започнал во ФК „Беласица“, како тинејџер кусо време бил дел од ФК „Партизан“, а вистински се афирмирал во ФК „Тетекс“, каде што станал клучен играч. Најголемиот успех го постигнал со ФК „Вардар“, со кој изборил пласман во Првата југословенска лига и станал водечка фигура во текот на 1980-тите. За клубот одиграл над 200 натпревари и постигнал 93 гола. Во кариерата имал и кратки настапи во „Динамо“ од Загреб и во „Ајнтрахт Брауншвајг“.
Срѓан Ивановиќ (49) е писател и познат новинар со долгогодишна кариера во медиумите. Како автор, досега има објавено два романа: „Писма од лудница“ („Арс Ламина“, 2023) и „Крвава уметност“ (самостојно издание, 2015).
Книгата „Фудбал под сенка“ наскоро ќе биде достапна за продажба во сите поголеми книжарници и онлајн преку literatura.mk
ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ФУДБАЛ ПОД СЕНКА“ ЗА ВАСИЛ РИНГОВ, ОД НОВИНАРОТ СРЃАН ИВАНОВИЌ
Скопје, (СМАРТ СДК.МК)