КОНЦЕРТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА СО СОЛИСТИТЕ БАДИВУКУ И КРАПОВСКИ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Симфониски хоризонти“ е насловен концертот на Филхармонијата кој ќе се одржи утре (16 април) од 20 часот. Како солисти ќе настапат виолинистката Сихана Бадивуку и виолончелистот Паскал Краповски. Диригент е Десар Сулејмани (Германија), а на програмата се увертира од операта „Поетот и Селанецот“ од Ф. Фон Супе, Концертот за виолина и виолончело „Музата и поетот” од К.Сен-Санс, „Тешкото“ од Г. Смокварски и Симфонијата број 9 од А. Дворжак.

Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа (1967) се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т. н. средна генерација. Потекнува од музичко семејство и со музиката се среќава уште на млади години. По средното музичко училиште во Приштина, образованието го стекнува на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, најпрвин во Киев, а потоа и во Москва каде што дипломирала со проф. Евгенија Чугајева, и завршила постдипломски студии по виолина. Потоа добива стипендија и заминува во Детмолд, Германија, во класата на проф. Јанг Учк Ким. Има учествувано на неколку меѓународни фестивали во земјава, во Албанија, Италија, Бугарија, Словенија. Од 1992 година е професорка на Факултетот за уметности во Приштина, од 2000-та концерт-мајстор на Косовската филхармонија, виолинист во ансамблите „Вивенди“, „Музика Балканика“ и „Стринг трио Косово“ и има настапувано со истакнати уметници во камерни ансамбли. Дел е од дуото со Маја Кастратовиќ со која имаат активна професионална соработка од 1994.

Својот уметнички израз, Паскал Краповски активно го презентира на концертните подиуми низ Македонија и во странство. Професионалниот ангажман како водач-виолончелист при Македонската филхармонија му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус“ и на „Мјузик прогресиве квартет“.

Со истата програма, на 18 и 19 април Филхармонијата ќе гостува во Германија, Бон родното место на Бетовен и во Оберхаузаен.

 

(Фото: М. Аргакијева)