Биографскиот филм „Мајкл“ од денеска (22 април) игра во киното Синеплекс и во Киноверзум во Велес, Штип и во скопските населби Кисела Вода и Драчево. Режисер на филмот за животот на „кралот на поп-музиката“ Мајкл Џексон е Антоан Фукуа. Светската ѕвезда почина на 50 години во 2009.
Во насловната улога е Џафар Џексон, син на постариот брат на Мајкл, Џермејн Џексон.
Продуцент е Грем Кинг, кој стоеше и зад „Боемска рапсодија“. Таткото на Мајкл, Џо Џексон, го игра Колман Доминго, а Мајлс Телер го игра адвокатот и советник на суперѕвездата Џон Бранка.
Првично беше најавено дека филмот ќе има премиера на 3 октомври 2025. Иако продукцијата на „Мајкл“ заврши во мај 2024, некои сцени беа преснимувани и холивудските медиуми пренесуваа дека филмот е поделен на два дела.
„’Мајкл’ го истражува патувањето на светската суперѕвезда до статусот на крал на поп-музиката, претставувајќи интимен поглед на животот и трајното наследство на еден од највлијателните уметници што светот ги познавал“, стои во најавата за филмот.
(Фото: Лајонсгејт)