ТАНЦОВИТЕ ПРЕТСТАВИ „ТИВКИОТ АПСУРД“ НА ЕВТИМОВА И „РЕМИКС 0.2“ НА ДАНЧЕВСКА ВО НОБ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Вечерва (23 април) во 20 часот, во Националната опера и балет (НОБ) ќе започнат вторите Денови на македонски кореографи во организација на НОБ и првата Скопје танцова платформа во организација на Интерарт културен центар и Танц Фест 2026. Ќе се изведат претставите „Тивкиот апсурд“ во кореографија на Саша Евтимова, копродукција помеѓу НОБ и Скопје танцовиот театар и „Ремикс 0.2“ на Адријана Данчевска.

Во „Тивкиот апсурд“ настапуваат Нина Петрушевска, Михаела Колцункова, Наѓа Луканова, Теона Ѓуровска, Миа Петровиќ, Ивона Манасијевска, Елена Терзиева, Марија Андонова и Мила Ангелова. Костимите се на Евтимова.

„Ремикс 0.2“ на Данчевска е на музика на Александар Гроздановски, а настапуваат Тереза Лазарев и Нина Петрушевска.

По изведбите во НОБ, од 21 часот во Македонскиот народен театар следува претставата „RIDGES“, копродукција во рамките на платформата „Moving Balkans“, која спојува традиционални танцови корени на Балканот со современ кореографски јазик. Копродуценти се Албански танцов состанок (Тирана), Танц фест Скопје/Интерарт културен центар (Скопје) и Тједан сувереног плеса/Хрватски институт за покрет и плес (Загреб).