ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ЌЕ ПИЈАТ ВРВНИ ВИНА НА „ТИКВЕШ“ И „ДОМЕН ЛЕПОВО“ НА САМИТОТ ВО СОФИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонски вина ќе им бидат послужени на европските лидери на претстојниот самит во Софија, што се смета за исклучително значаен за европската перспектива на државите од Западен Балкан.

На самитот ќе учествуваат премиерите и министрите на 28-те земји членки на Европската Унија, како и нивните колеги од земјите од регионот, кои се кандидати за членство. Тие притоа ќе имаат можност да се уверат во уникатноста и во високиот квалитет на дел од најпознатите македонски вина.

На вечерата што ќе се одржи во пресрет на самитот, што почнува в четврток, винската листа ќе ја сочинуваат четири вина произведени во винарската визба „Тиквеш“ и во бутик-винарницата „Домен Лепово“: „барово“ и „шардоне“ од белите и „бела вода“ и „домен лепово гранд куве“ од црвените вина, кои за оваа пригода ќе имаат и уникатни етикети.

„Ова е голема чест за ‘Тиквеш‘, но и огромна можност за промоција и јакнење на имиџот и на угледот на Македонија како земја во која се произведуваат вина со висок квалитет, кои можат да им парираат и на најпознатите светски вински брендови“, велат од „Тиквеш“.

Како „зачин“, на вечерата ќе биде послужена и специјалната лозова ракија „VS“ на „Тиквеш“, која се произведува на посебен начин и одлежува подолго во специјални дабови буриња.