ЕНЕРГИЧНА ЗАБАВА СО ХИТОВИТЕ НА „ПРОДИЏИ“ И „РАМШТАЈН“ НА УНИКАТНИОТ КОНЦЕРТ НА БИТОЛСКИОТ ОРКЕСТАР „ДИВА“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Енергична забава со хитовите на „Продиџи“ и „Рамштајн“ направи битолскиот оркестар „Дива“ на концертот „Индустриска симфонија“ во Младински културен центар во Скопје.

Јасна Димитровска, Огнен Димовски и Жарко Јакимоски заедно со оркестарот на оригинален начин ги изведоа хитовите на кои цела сала скокаше. Несекојдневниот, алтернативен проект на „Дива“, кој секогаш прави уникатни концерти, доби заслужен бис на крајот.

Огнен Димовски (Фото: И. Кочов)

Интересно беше што членовите на оркестарот беа како бенд поради типот на музиката која ја свиреа, а диригентот и основач на оркестарот Владимир Димовски свиреше виола на сцената.

Фото: И. Кочов

Концертот, како што беше најавен и претходно, беше енергично, моќно и целосно поинакво музичко доживување и ја раздвижи публиката од првиот до последниот такт. Освен хитовите на „Продиџи“, и „Рамштајн“, слушавме и музика од „Кемикал брадрс“, „Најн инч неилс“ и други бендови, во изведба каква што ретко се гледа.

Огнен Димовски Јасна Димитровска и Жарко Јакимоски (Фото: И. Кочов)

Од „Дива“ претходно го најавија концертот како смел, затоа што оваа музика ретко кој се осмелува да ја постави на сцена. Со овој уникатен настан, тие сосема ја оправдаа најавата.

М. ЏАРОВСКА