ДИНО МУСТАФИЌ РЕЖИРА ДВЕ ПРЕТСТАВИ „ФЕДРА“ НА РАСИН И НА САРА КЕЈН ВО СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Во Драмскиот театар во Скопје почнаа пробите за диптих од претстави работени по текстовите „Федра“ на Расин и „Федра“ на Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ. Претставите се насловени „Федра“ и „Љубовта на Федра“. Две екипи ќе ги подготвуваат двете одделни претстави.

„Претставите настануваат како два самостојни репертоарни наслова, но и како диптих, што ги поврзува класичната трагедија и современиот театар преку истиот мит за страста, вината и деструктивната љубов. ‘Федра’ на Расин зборува за свет на силни морални и општествени норми, додека Сара Кејн прикажува време во кое исчезнале авторитетите, смислата и надежта. Поставувајќи ги овие две драми заедно, сакам да отворам дијалог помеѓу епохите и да покажам како се променила трагедијата – од општество кое сè уште верува во поредок, до човек препуштен сам на себе. Претставите можат да функционираат одделно, но заедно создаваат едно сценско огледало на нашето време“, вели Мустафиќ. 

Насловниот лик во двете претстави го игра Јелена Жугиќ.

Во „Федра“ по Расин, во актерската поделба се и Дејан Лилиќ, Леонардо Лазов, Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ и Трајанка Илиева-Вељиќ. Во претставата „Љубовта на Федра“ по Сара Кејн играат и Александар Степанулески, Лазар Христов, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Tомислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.

Во уметничкиот дел на екипата што ќе ги работи двете претстави, освен режисерот Дино Мустафиќ, се асистентот на режија Димче Николовски, сценографот Драгутин Броз и костимографката Антонија Гугинска-Јорданоска. Музиката е на Влатко Стефановски, а сценските движења на Филип Петковски.

Премиерите се очекуваат во септември.