БЕСПЛАТНИТЕ ПРОЕКЦИИ НА МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ ВО СИНЕПЛЕКС ПРОДОЛЖУВААТ ВО ЈУНИ СО „СЕСТРИ“ НА ДИНА ДУМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со „Сестри“ на Дина Дума (фото), денеска (1 јуни) започнува јунскиот циклус на бесплатно прикажување македонски филмови во Синеплекс. Агенцијата за филм го промовираше овој проект минатиот месец и предвидува бесплатни проекции на македонски филмови секој понеделник од 18 часот. Влезот е по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети.

Во текот на овој месец ќе можат да се гледаат и документарецот „Плати и жени“ на Атанас Георгиев (8 јуни), „Сите го бараат Реџо“ на Ибер Деари (15 јуни) и „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски (22 јуни), додека на 29 јуни на програмата ќе бидат четири кратки филма: „Материјал за аудиција“ на Ѓорче Ставрески, „Амби“ на Марија Апчевска, „Без љубов“ на Дина Дума и „Налепница“ на Георги Унковски.

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, кажа дека со овој проект сакаат да го доближат македонскиот филм до публиката и да му дадат поголема видливост.

„Сакаме македонскиот филм да не се гледа само на фестивали, туку да биде достапен за сите и да стане дел од секојдневието. Со оваа соработка го враќаме филмот таму каде што најмногу му прилега – на големото платно“, изјави Мицевски.

(Фото: „Лист продукција“)