СТУДЕНТИ ЈА ОТКРИВАА КУЛТУРНАТА РИЗНИЦА НА ПРЕСПА ОД ТРИТЕ СТРАНИ НА ЕЗЕРОТО

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Студенти и професори од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје беа активно вклучени во етнолошко теренско истражување посветено на традиционалната култура и нематеријалното културно наследство во Преспанскиот Регион. Активноста се спроведе од страна на Завод и музеј Битола, беа вклучени и локални жители од регионот, а во рамките на проектот „Акт4Преспа“, поддржан од Европската Унија како дел од програмата „ЕУ за Преспа“.

Ова претставуваше особено значајно и вредно искуство за студентите, кои преку теренска работа имаа можност непосредно да се запознаат со секојдневниот живот и традиционалната култура во селата на македонската страна од езерото, но и да посетат локации во албанскиот и во грчкиот дел на Преспа.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Студентите реализираа интервјуа на повеќе теми поврзани со локалната традиција, обичаи и исхрана, а имаа можност и практично да учествуваат во подготовка на традиционални јадења, како баклава и ѓомлезе. Ваквите искуства се од особена важност за нивниот професионален развој, бидејќи овозможуваат поврзување на теоретското знаење со реална теренска работа и непосреден контакт со културното наследство“, изјави проф. д-р Илина Јакимовска, шеф на Институтот за етнологија и антропологија.

Студентите истражуваа на различни теми, од народни верувања, традиционална исхрана и лични приказни, до обредни пракси и верувања поврзани со свети места и натприродни суштества (самовили, вампири).

„Оваа година, студентите имаа поголемо лично истражувачко искуство и добра претходна подготовка во врска со населението и етнографијата на преспанските села, така што и резултатите се добри. Носители на добрата организација на проектот беа Завод и музеј Битола и искуството на д-р Мери Стојанова“, изјави проф. д-р Мирјана Мирчевска.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

Собраните материјали ќе послужат како вредна база за идни елаборати, научни истражувања и активности насочени кон заштита, промоција и одржливо користење на културното наследство.

Со ваквите активности, проектот „Акт4Преспа“ придонесува кон зачувување, валоризација и пренесување на богатото нематеријално културно наследство на Преспанскиот Регион за идните генерации.

Ж. ЗДРАВКОВСКА