Основното музичко училишпте „Стефан Гајдов“ од Велес одбележува 80 години постоење и 120 години од раѓањето на патронот. Тоа ќе се случи со два концерта, првиот вечерва (4 јуни) на кој ќе настапат ученици од учебната година 2025/26 година. Вториот е на 8 јуни, на кој ќе настапат ученици од досегашните генерации завршени основци, а се познати во македонската музичка јавност. И двата концерта се бесплатни и ќе се одржат во салата на Велешкиот театар.
„Со особена чест одбележуваме 80 години од постоењето на Музичко училиште ‘Стефан Гајдов’, осум децении посветеност на музиката, образованието и културниот развој на нашиот град. Одбележуваме и 120 години од раѓањето на патронот. Во текот на овие години, училиштето изгради генерации талентирани музичари, педагози и уметници кои со својата работа оставиле траен белег во Македонија и пошироко. Благодарение на трудот и посветеноста на наставниците, како и на љубовта кон музиката што им се пренесува на учениците, ова училиште стана вистински храм на уметноста и креативноста. Нека овој јубилеј биде потсетник на богатото наследство што го чуваме, но и поттик за нови успеси, нови генерации таленти и нови музички приказни“, вели директорот на училиштето Благој Каракачанов.
За концертот на 8 јуни најавени се меѓу другите и Веселинка Маџарова, Орхидеја Дукова, Габриела Бачманова, Менка Богоевска, Камелија Дукова, Вероника Караколева, Слободанка Ничевска, Тоше Темелков, Илија Настовски, Трајче Малинов, Игор Иванов.
Музичкото школо „Стефан Гајдов“ е формирано на 15 јануари 1946, а првиот концерт учениците го имале на 31 март истата година. Стефан Гајдов (Велес, 8 јуни 1905 – Скопје, 17 јули 1992), композитор, диригент и педагог од првата генерација македонски музички дејци.
П. ПЕЧКОВ