Основното музичко училишпте „Стефан Гајдов“ од Велес одбележува 80 години постоење и 120 години од раѓањето на патронот. По тој повод ќе има два концерта, првиот вечерва (4 јуни), на кој ќе настапат ученици од оваа учебна година, а вториот на 8 јуни, на кој ќе настапат ученици од досегашните генерации, а се познати во македонската музичка јавност. И двата концерта се бесплатни и ќе се одржат во Велешкиот театар.
„Со особена чест одбележуваме 80 години постоење на Музичкото училиште ‘Стефан Гајдов’, осум децении посветеност на музиката, образованието и на културниот развој на нашиот град. Одбележуваме и 120 години од раѓањето на патронот. Во текот на овие години, училиштето изгради генерации талентирани музичари, педагози и уметници, кои со својата работа оставиле траен белег во Македонија и пошироко. Благодарение на трудот и посветеноста на наставниците, како и на љубовта кон музиката што им се пренесува на учениците, ова училиште стана вистински храм на уметноста и креативноста“, вели директорот на училиштето Благој Каракачанов.
За концертот на 8 јуни најавени се, меѓу другите, и Веселинка Маџарова, Орхидеја Дукова, Габриела Бачманова, Менка Богоевска, Камелија Дукова, Вероника Караколева, Слободанка Ничевска, Тоше Темелков, Илија Настовски, Трајче Малинов и Игор Иванов.
Музичкото школо „Стефан Гајдов“ е формирано на 15 јануари 1946, а првиот концерт учениците го имале на 31 март истата година. Стефан Гајдов (Велес, 8 јуни 1905 – Скопје, 17 јули 1992) е композитор, диригент и педагог од првата генерација македонски музички дејци.
П. ПЕЧКОВ