Денеска и утре, влезот во Музејот на Македонија ќе биде бесплатен, во чест на Меѓународниот ден на музеите.
Утре, пак, Музејот, заедно со илјадници музејски институции низ светот, ќе учествува во глобалната манифестација „Ноќ на музеите“. Во 21 часот концерт ќе одржи бендот „Некст ту сајленс“, а музејот ќе биде отворен од 19 до еден часот по полноќ.
Гостите ќе можат да ги видат постојаните поставки, како „Етнологијата во Македонија“ и „Македонците бегалци од Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949“, како и привремената изложба на Васко Ристовски „Македонска наивна уметност“.
Низ повеќе музеи во Скопје и низ Македонија ќе се отворат изложби, па така вечерва во 20 часот во Природнонаучниот музеј во Скопје ќе се отворат две изложби: „Раѓањето на Фрушка Гора“ од д-р Иван Дулиќ и „Карпи – скриени бои и форми“ на Дарко Тимотиќ.
Во галеријата Робевци во Охрид, вечерва во 19 часот ќе биде отворена 28. традиционална изложба на дела подарени од автори кои изложувале последните неколку години во галеријата. На отворањето ќе се изведе перформансот „Деконструкција – шмирглање” на Исмет Радиќевиќ.
Утревечер во 20 часот, во НГМ Мала станица ќе се отвори изложбата „Влахо Буковац – ремек-дела од ризницата на Националната галерија на Македонија“.