Промовиран е новиот број, 27. по ред, на списанието „Велес“. Тоа излегува еднаш годишно и во него се објавени текстови за Велес и велешани, роднокрајни теми, автори потписници може да бидат секој кој работи и пишува за градот.
„Ќе ги споменам академик Александар Спасов и професорката Вера Весковиќ-Вангели, тие со мене заедно со години работевме на ова списание. Затоа сме горди и се радуваме на секој нов број. Во овој број автори на текстови се девет доктори на науки, од нив четворица се редовни професори. Тоа говори дека се нуди материјал кој е вреден. Така може да се прочита за првото македонско списание ‘Македонка’, за поврзувањето на Велес со железничка пруга со соседните градови и за пазарите во Велес. Ако некои работи не се запишат и објават, тие нема да се меморираат, ќе се заборават како да не постоеле. Иднината ќе ја имаме само ако ја запишеме историјата. Денес помниме, задутре се сеќаваме за потоа ништо, заборавот го сторил своето“, кажа Васил Тоциновски кој е уредник на списанието.
Тој додаде дека само два града во Македонија, Велес и Битола, имаат вакви градски списанија.
Списанието го издава Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.
Промоцијата беше во родната куќа на Рацин и дел од содржините на 63. Рацинови средби.
П. ПЕЧКОВ