ФОТОИЗЛОЖБА НА АНДОНОВ И НЕДЕЛЧЕВСКИ СЕ ОТВОРА ВО МАЛА СТАНИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (2 јули) во 19 часот, во Мала станица, објект на Националната галерија на Македонија, ќе се отвори фотоизложба на Зоран Андонов и Драги Неделчевски насловена „Два погледа на документарната фотографија“, што е дел од содржините на Скопско лето. Куратор на изложбата е Александар Кондев.

Андонов и Неделчевски се фотографи од Тетово со долгогодишни кариери. Андонов е и постојан дописник на САКАМДАКАЖАМ.МК од Тетово како новинар и фоторепортер.

„Изложбата на Андонов и Неделчевски претставува две различни, но длабоко поврзани визии на документарната фотографија. Низ фотографии создадени во текот на повеќе децении, Андонов ги бележи ритамот на јавниот живот и колективните ритуали, додека Неделчевски го насочува погледот кон тивките, секојдневни сцени исполнети со лична и поетска атмосфера. Две различни авторски перспективи, што заедно создаваат интимен и искрен визуелен дијалог за времето, животот и погледот кон светот“, велат од Скопско лето.

Од 20:30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концертот „Кларинет во придружен гудачки квартет“. Изведувачи се: Бранко Павловски – кларинет, Камелија Дуковска-Зефиќ – прва виолина, Бранислав Автовски – втора виолина, Марија Димитријевиќ – виола и Енис Аљи – виолончело.