Македонскиот филм „17“ на режисерката Косара Митиќ ја освои наградата за најдобар дебитантски филм на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим. Наградата е финансиски поддржана од Германското здружение за заштита на филмски и телевизиски права.
„Станува збор за суров, бескомпромисен и силен уметнички филм, исполнет со гнев и исклучително вешта кинематографија, кој го предводат неверојатно талентирана режисерка и извонредна актерска игра. Филмот прикажува едно долго премолчувано насилство, со кое конечно мора да се соочиме“, стои во одлуката на жирито.
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и СЕЕ Синема Нетворк .Сценариото е на Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ од Хрватска. Продуцент на филмот е „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија.
Во филмот играат Ева Костиќ, Mартина Даниловска, Жаклина Стефковска, Ана Стојановска, Даме Јовески, Оливер Митковски, Александра Пешевска, Симеон Дамевски, Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ и Алина Христовска.
(Фото: Ион синема)