Пејачот и играорец Никола Зацевски ја запроси долгогодишната партнерка Наталија Цветкова по настапот со Фолклорниот ансамбл „Битола“ на сцената на Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во Битола.
Публиката, која ја следеше фолклорната програма на Фестивалот, даде долг аплауз на предлогот за брак на платото пред Офицерскиот дом. Дел од колегите од ансамблот се расплакаа од радост.
„И љубовта е дел од традицијата. Има вечери кога фолклорот не се памети само по песната, играта и носиите. Се памети и по моментите што засекогаш го менуваат нечиј живот. Облечени во македонска народна носија, тие создадоа слика што совршено го спои она што фестивалот го слави веќе 56 години: традицијата, припадноста и човечките вредности што се пренесуваат од генерација на генерација“, рекоа од фестивалот „Илинденски денови“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
(Фотo: Д. Хаџи Коста-Милевски)