Јелена Розга вчера (29 јули) повторно настапи пред полн Антички театар во Охрид, точно една година по минатогодишниот концерт на истата сцена. Концертот, во организација на продукција „Евентум“, траеше повеќе од два и пол часа, а публиката ги пееше нејзините најголеми хитови и ја врати на бис.
На сцената ѝ се придружи и гудачки оркестар, а хрватската поп-ѕвезда ги испеа и хитовите од периодот кога беше дел од групата „Магазин“.
Посебен момент приреди група обожаватели која излезе на сцената со транспарент на кој пишуваше: „Розга пее, Антички гори, ние бараме излез дури до зори“.

На сцената се качи девојче кое и лани беше на нејзиниот концерт во Охрид, а годинава на Розга ѝ подари цртеж што самата го нацртала.
Динамичната поп-пејачка по концертот рече дека Охрид за неа е посебен.
„Прекрасно си поминав. Публиката овде ме воодушевува секојпат и ми дава неверојатна енергија. Ви благодарам за љубовта“, рече таа.
За време на концертот, таа неколкупати се симна во публиката, а по завршувањето остана да се фотографира со фановите.
М. ЏАРОВСКА