Словенечко-германскиот квартет саксофони „Сигнум“ вечерва (31 јули) од 21 часот ќе одржи концерт во црквата „Света Софија“, во рамките на програмата на фестивалот Охридско лето.
Ансамблот го сочинуваат Михаил Кнот, Јакопо Тадеи, Алан Лужар и Едоардо Зоти, четворица врвни саксофонисти кои со години комбинираат класична музика, современи аранжмани и рок-класици. Познати се по енергичните настапи и по необичниот репертоар, кој опфаќа дела напишани за квартет саксофони, но и преработки на оркестарски и барокни композиции.
„Сигнум“ се добитници на повеќе меѓународни награди, а во 2013 година дебитираа во „Карнеги хол“. Како избрани „Ѕвезди во подем“ на Европската организација на концертни сали (ЕХО), настапувале на најпрестижните светски сцени, а соработувале и со познати музичари како виолинистот Даниел Хоуп, Ксенија Сидорова и Фазил Сај.
Квартетот има издадено повеќе албуми за „Дојче грамофон“ и „Берлин класикс“, а во 2024 година го објави албумот „Камелеон“.