Либанскиот филм „Што ако бомбардираат овде вечерва“ на режисерот Самир Сиријани ја доби Гран при наградата на седмото издание на Галичник филм фестивал. Фестивалот траеше од 31 јули до 3 август, а заврши со свеченото доделување на наградите и со проекцијата на македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски.
За најдобар краткометражен игран филм беше прогласен „Жигосување“ од Кина. Наградата за најдобра актерка ѝ припадна на Јана Никодиновска за улогата во македонскиот филм „Мала шега“, а признанието од публиката го доби бугарскиот филм „Сопри ја колата“.
За наградите одлучуваше жирито во состав Вардан Тозија, Наташа Петровиќ и Ивана Шекуткоска.