ЛИЈАМ И НОЕЛ ГАЛАГЕР СО ПРВО ЗАЕДНИЧКО ИНТЕРВЈУ ПО ПОВЕЌЕ ОД 20 ГОДИНИ ВО НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА „ОЕЈЗИС“

Англија, (Скај Њуз)

„Оејзис“ ќе ја раскаже приказната за своето големо враќање во новиот документарен филм „Don’t Look Back In Anger“, кој ќе содржи снимки од проби, зад сцената и од концертите од повратничката турнеја „Оејзис во живо ’25“. Посебно внимание привлекува најавата дека во филмот ќе бидат прикажани и првите заеднички интервјуа на браќата Лијам и Ноел Галагер по повеќе од 20 години.

Документарецот го создаде Стивен Најт, авторот на серијата „Пики бландерс“. Светската премиера е најавена на 83. Венециски филмски фестивал, а во септември филмот ќе пристигне и во кината. Подоцна ќе биде достапен и на „Дизни+“.

Филмот доаѓа по долгоочекуваното обединување на Лијам и Ноел Галагер. „Оејзис“ лани повторно излезе на сцена по 16 години и одржа голема светска турнеја пред распродадени стадиони.

Најавата за документарецот се совпаѓа и со 30-годишнината од легендарните концерти на „Оејзис“ во Њупорт. На 10 и 11 август 1996, бендот настапи пред вкупно 250.000 луѓе. За билетите, кои чинеле 22,50 фунти (26 евра), се пријавиле околу 2,5 милиони луѓе..

(Фото: Шатерсток)