Цртежот „Вечно“ е добитник на наградата „Златен стрип“ на 2. Меѓународен стрип салон – Велес. Цртежот е дело на тројца автори: Марко Стојановиќ (сценарио), Милорад Вицановиќ (цртеж) и Аљоша Томиќ (колор или боење) од БиХ, кои добија парична награда од 300 евра. Втората награда ја доби стрипот „Зимата на Арапахосите“ на Кристијан Секулиќ од Србија, а третата „Љубовта е тешка работа“ за Дуда Вукојев (сценарио) од Србија и Драган Павасовиќ (цртеж) од Хрватска. Наградата за најдобро сценарио му припадна на Хулија Колук од Турција за стрип-приказната „Светот ни припаѓа на сите нам“. На стрип-конкурсот пристигнале 495 цртежи од дваесетина држави.
„Ме радува кога ќе видам толкав број гости на настанот, кои дошле да ги претстават своите дела или да ги видат останатите трудови. Очекувам дека оваа приказна ќе расте од година во година, ќе имаме поквалитетни и побројни стрипови“, кажа Александра Иванова, една од организаторите на Стрип салонот.

„Радува податокот што од македонските автори имаме групни испраќања, од училиштата од државава, што е резултат на нашите претходни активности и проекти со училиштата низ републиката, каде го афирмиравме стрипот како уметност. Воведовме и дополнителна награда за млади македонски автори, три пати по 100 евра и тоа дава резултати во нивното пријавување. Поквалитетните автори ги објавуваме во нашето списание „Стрип Креатор“, каде учесниците на конкурсот можат да ги видат своите стрипови. За жал, нема други такви списанија кои објавуваат стрипови од надежни млади автори. Последниве години многу повеќе добиваме стрипови од девојчиња како од Македонија, така и од други земји“, кажа Ване Трајков, претседател на Стрип центарот на Македонија, со седиште во Велес.
„Стриповите не ги работам заради награди, заради учество на конкурси. Моето задоволство е создавањето на стрип и соработката со моите колеги со кои ги цртаме. Ние тројцата, Милорад, Аљоша и јас, долго соработуваме и задоволство е што цртаме стрип-уметност. Таа не е деветта, туку прва. Стрипот како уметност се појавува со низата цртежи по пештерските ѕидови. Така што стрипот е присутен како уметност од почетокот на човештвото. Стрипот не е што беше некогаш, децата сѐ помалку го читаат. Но секогаш ќе има деца кои ќе сакаат да ги цртаат нивните размислувања и имагинации“, кажа добитникот на првата награда Марко Стојановиќ.
Европската куќа од Велес со донација од ЕУ награди три млади автори од Македонија со по сто евра: Матеја Аризановска за стрипот „Обраснато“, Александар Бараковски со „Сараево сафари“ и Марија Тошевска со „Напивката“.
Наградените стрипови и дел од останатите кои беа пријавени можат да се видат изложени во Европската куќа во Велес до 27 август.
П. ПЕЧКОВ