Со настапи на млади музички таленти и театарска претстава вечерва (16 септември) продолжува програмата на „Звуците на културата во Ѓорче“, која се одржува во рамките на „Денови на Општина Ѓорче Петров“.
Од 18 часот, кај амфитеатарот во Реонскиот парк, ќе се одржи музичко талент шоу, на кој ќе настапат млади таленти, а на програмата е и театарска претстава на Алтернативниот театар „Отпишани“.
Културно-забавната програма продолжува на 18 и 19 септември со концерти, улична уметност, балет, хорско пеење, базар и детски работилници на повеќе локации во Ѓорче Петров.
На 18 септември, на Корзото и кај амфитеатарот, од 18 часот ќе се одржи „Баскерфест“, од 18:30 часот ќе настапи балетското студио „Ребис“, а во 19 часот хорот „Фрида“. Во рамките на „На Базар“ ќе има штандови со ракотворби и различни производи, како и детски работилници и креативни содржини.
Истата вечер, во Реонскиот парк ќе се одржи музичка програма во рамките на „Октоберфест“, а ќе настапат „Суперхикс“ (фото), „Пауза за ракија“ и диџеј Галоски. На 19 септември програмата продолжува со „Д Кру“, „Ареа“, „Куку леле“ и трубачите „Левис“.