Утре (3 октомври) во Скопје ќе се одржи „Бела ноќ 2026“ со концерти, изложби, театар, електронска музика и програма за деца на повеќе локации низ градот. Манифестацијата е во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, а вечерната програма ќе трае од 19 до 3 часот по полноќ.
Една од главните сцени ќе биде поставена на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред Операта, каде програмата ќе почне во 18 часот со детскиот фестивал „Поточиња“ и интерактивниот „Театар за тебе“. Вечерта ќе продолжи со диџеј и концертни настапи, а од 22 часот ќе настапат Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“. Музиката на оваа сцена ќе продолжи и по полноќ.
Електронска музика ќе има кај фонтаната „Лотус“, додека на платото пред Музејот на современата уметност од 20 часот ќе се одржи „IN BETWEEN 04“, со настапи на повеќе домашни и странски диџеи. Програма е најавена и на Боемска улица.
„Бела ноќ“ и годинава ќе опфати повеќе изложбени простори. Во Домот на градежниците ќе бидат претставени самостојната изложба на Марија Рашковиќ и групната „Вортекс“, во Чифте амам ќе може да се види „Пресек“ на Ирена Паскали, а во „Мала станица“ мултимедијалната изложба „Меѓу светови“ на Воскресија Андреевска.
Дел од програмата почнува уште во текот на денот, со содржини за деца, литература и ликовна уметност. Археолошкиот музеј ќе има бесплатен влез и ќе ја претстави содржината „35 предмети, 35 приказни“.
Настани ќе има и во Младинскиот културен центар, Музејот на Град Скопје, Старата скопска чаршија, на Мостот на уметноста, улица „Македонија“ и на други локации низ Скопје.