Триесет и третото издание на Моден викенд Скопје ќе се одржи од 30 октомври до 1 ноември во Музејот на современата уметност во Скопје, Галерија 4. Под мотото „Модата сега“, настанот ќе ја истражува модата како современа креативна сила што ги поврзува уметноста, одржливоста, иновацијата и културата.
Во тридневната програма се најавени модни ревии, изложби, перформанси, јавни разговори и предавања со учество на дизајнери, уметници и културни професионалци од Македонија и од регионот. Организаторите велат дека ова издание ќе ја истражува врската помеѓу модата, современата уметност, телото и архитектурата, а посебно внимание ќе биде посветено на одржливоста и на новите форми на креативна соработка.
Програмата ќе почне на 30 октомври во 19 часот со модна ревија на центарот „Добредојде Македонија“, со поддршка на Амбасадата на Словенија, по што од 20 часот ќе се претстави Никола Ефтимов, а од 21 часот е ревијата на „Георгија“.
Од 21:30 часот е најавено отворање на изложба и водена тура со дела на Росица Мршиќ, „Мини Ирина Тошева“, Емилија Славкова, Крсте Глигорјадис, Ана Рингстад, Јустина Семченкаите и Тува Самуелсон. Ќе биде претставен и проектот „5+5 / уметност + мода“ на Националната галерија на Бугарија и Фондацијата „Иван Асен 22“.
Вториот ден ќе почне со хуманитарната модна аукција „Носи ја промената“, иницијатива на Никола Булевски, Македонското модно здружение и граѓанската организација „Конект“. Од 14 часот ќе се одржи јавен разговор и модна презентација „Зелена и одржлива мода: Нордиско-балтичка приказна“
Модните ревии продолжуваат од 17 часот со „Скала“, „Бикова студиос“ и Сара Павловска, „Терзија“, „А2 ателје“ на Анастасија Атанасовска, „Ворм метал“ и на „Алшар“ на Силвија Михајловска. Во програмата учествуваат и средношколците од „Димитар Влахов“, кои ќе бидат дел од сегментот посветен на шминката и креативното претставување.
На последниот ден ќе се претстави Меѓународниот моден институт „Изет Цури“ со групна ревија на Билјана Шкортова, Северџан Елези, Ренеа Кика, Славица Симеуновиќ и Хурија Рамадани, по што следуваат ревиите на Стефанија Насеска, „Петрова“, Катерина Мато и Олгица Ѓоргиева.