ЦЕЛА САЛА НА НОЗЕ НА ХИТОВИТЕ ОД „КВИН“, „ИЛИЈА НИКОЛОВСКИ-ЛУЈ“ СО КОНЦЕРТ ПРОСЛАВИ 81 ГОДИНА ПОСТОЕЊЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со рокерските хитови „We Will Rock You“ и „We Are the Champions“ од легендарната група „Квин“, во изведба на хорот, Детскиот хор „Пиколо“ и симфонискиот оркестар, учениците од Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ синоќа (21 октомври) го завршија свечениот концерт „Музичка приказна“, со кој школото прослави 81 година. Концертот се одржа во салата на Филхармонијата.

Со уникатен спој на рокенрол, класична музика, македонски фолклор, балет и современ танц, младите таленти приредија вистинско музичко доживување, покажувајќи ги своите дарба, посветеност и љубов кон уметноста.

На сцената се менуваа различни музички жанрови и уметнички изрази, а учениците покажаа дека со подеднаква сигурност можат да изведуваат сложени класични композиции, традиционални македонски песни и светски рок-хитови.

Програмата започна со македонската химна во изведба на училишниот хор и Детскиот хор „Пиколо“, а продолжи со дела од големите светски композитори. Публиката имаше можност да ужива во „Валцер на цвеќето“ од Чајковски, „Варијација на Никија“ од „Бајадера“ на Лудвиг Минкус, дел од „Арлезијанка“ на Жорж Бизе и темпераментното „Либертанго“ од Астор Пјацола.

Македонската музичка традиција доби посебно место преку „Повратешко оро“, „Ни прела гора“, „Тешкото“ од Глигор Смокварски и „Марика мома убава“ од Томислав Зографски. Спојот на фолклорот со класичната музика и балетот ја покажа разновидноста на образованието што го добиваат учениците во ова училиште.

Концертот заврши со безвременските хитови на „Квин“, кога целата сала беше на нозе и пееше заедно со хорот и оркестарот, со кој диригираше маестро Ле Фи Фи.

На концертот диригираа и Весна Димчевска и Бехар Весели, а координатори беа Слаѓана Спасеновска и Гордана Тасева-Илиевска. Идејата и реализацијата на „Музичка приказна“ се на пијанистката Даница Стојанова, в. д. директорка на училиштето. На почетокот на концертот, таа кажа дека успехот на учениците е резултат на многу работа и непроспиени ноќи.

М. ЏАРОВСКА