ПО 10 ГОДИНИ ДРАГАНА МИЛОШЕВСКА-ПОПОВА ПОВТОРНО ЈА РЕЖИРА „ЗАД КУЛИСИТЕ“ ВО ШТИПСКИОТ ТЕАТАР

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Во Народниот театар во Штип вечерва (13 ноември) од 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Зад кулисите 26“, во режија на Драгана Милошевска-Попова. Претставата е распродадена, поради што театарот закажа реприза за 18 ноември.

По десет години од премиерата во Скопје, режисерката повторно го поставува делото на англискиот драмски писател Мајкл Фрејн, овојпат со ансамблот на Штипскиот театар. Адаптацијата на текстот е на Катерина Момева, драматург е Габриела Коцева-Тулиев, а сценографијата и костимите се на Ирина Сомборац.

Во претставата играат Кристина Атанасова-Арсова, Никола Кузелов, Анѓелка Нашкова, Миле Вратеовски, Елена Шорова Дербов, Милорад Ангелов, Ефтим Трајчов Ѓаурски, Душица Тренева Димовски и Мирко Голомеов.

„Зад кулисите 26“ е современа комедија која го прикажува животот зад театарската сцена, исполнет со суети, љубовни заплети, недоразбирања и конфликти помеѓу актерите.

„Претставата ја открива другата страна на театарскиот свет, онаа што публиката ретко има можност да ја види. Се отвора прашањето каде завршува улогата, а каде започнува вистинскиот живот. Дали актерот навистина излегува од ликот?“, вели режисерката Милошевска-Попова.

Т. ЈОВАНОВСКИ