НЕКСТ ТАЈМ СО ЅВЕЗДЕНО НЕБО И „ШТО И ДА Е, ЌЕ ПОМИНЕ“ МУ ОДДАДОА ПОЧИТ НА ВЛАДО ЈАНЕВСКИ НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Со успешен спој на своите поп-рок хитови и преработките на македонските народни песни, браќата Стефан и Мартин Филиповски од дуото „Некст тајм“ вчера (27 ноември) одржаа концерт во полната „Т-Арена“ во Скопје.

Концертот го почнаа со песните од првите години на нивната кариера, меѓу кои и евровизиската „Нешто што ќе остане“. Гостинка во првиот дел беше Антониа Гиговска, со која ја испеајаа „На крајот од денот“, а таа нејзиниот хит од Макфест „Жена“.

Во првиот дел од концертот гостинка беше Антониа Гиговска (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Еден од најубавите моменти на концертот беше кога гитаристот Мартин Филиповски на сцената ја донесе својата ќерка Лиана, на која Стефан Филиповски ѝ ја пееше „Светот во раце“.

„Ова е неговото богатство, нашето богатство“, рече пејачот на бендот.

Публиката во еден глас ги пееше „Магдалена“ и „Океани“, а со светлата од мобилните телефони се направи ѕвездено небо во чест на Владо Јаневски, на денот на неговиот роденден. Во негова чест, „Некст тајм “ ја испејаа неговата песна „Што и да е, ќе помине“.

Вториот дел од концертот беше посветен на македонските народни песни. На сцената им се придружи групата „Синтезис“, која ја изведе „Во наше село“, а заедно со Стефан Филиповски и „Ој девојче“.

„Синтезис“ (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Со „Ја излези Ѓурѓо“, „Нешто ќе те питам бабо“, „Налеј, налеј“, „Слушам кај шумат шумите“ и „Бисер балкански“ ја кренаа публиката на нозе, а во салата се заигра и оро.

Пред крајот на концертот настапи и хорот на „Златно славејче“. Стефан Филиповски се присети на нивните музички почетоци на детските фестивали „Си-До“ и „Златно славејче“.

Хорот на „Златно славејче“ (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Со добро осмислена програма и одлична комуникација со публиката, „Некст тајм“ покажаа дека успешно обединуваат публика од различни генерации. Организатор на концертот беше „Прагма продукција“.

 

М. ЏАРОВСКА