„Кристис“ ја организираше првата аукција на дигитални уметнички дела, што му донесе над 69 милиони долари на уметникот Бипл. Дигиталните дела се продаваа во форма на НФТ (non-fungible token), последната технолошка лудост која се здоби со голема популарност во изминатите недели. НФТ служи како уникатен идентификатор на сопственост за нефизички предмети.
Бипл, чие вистинско име е Мајк Винкелман, креира едно парче на дигитална уметност секој ден и сега ги продаваше првите 5.000 дена од својата работа.

„Ова го сместува Бипл меѓу тројцата највредни живи уметници. На аукцијата беше поставен нов светски рекорд за дигитално дело“, соопшти „Кристис“.
Делото „Everydays: The First 5.000 Days“ претставува колаж од илјадници поединечни слики што овој американски графички дизајнер почнал секојдневно да ги прави во почетокот на 2007 година. Тој користи различни дигитални моделирања и уметнички програми за да ги создаде. „Кристис“ кажа дека 22 милиона луѓе ги следеле последните моменти од онлајн аукцијата, кога била достигната цена од 69.346.250 долари. Идентитетот на купувачот не е објавен.