„Епл“ планира да лансира нов поевтин модел на „ајфон“ во првата половина на следната година, кој би бил наследник на „ајфон СЕ“, што излезе во 2016. Тој би требало да биде 140 долари поевтин од сегашниот најевтин модел на компанијата, „ајфон Екс-Ар“.

Со екран од четири инчи, „ајфон СЕ“ беше помал од својот поголем брат „ајфон 6“. Екранот на новиот модел би требало да биде 4,7-инчен, што би било на ниво на „ајфон 8“.

Со новиот модел, „Епл“ би ја напуштил својата досегашна стратегија, со која го избегнуваше пазарот на поевтини смартфони.

„Епл“ досега тешко се носеше со конкуренцијата на технички напредни Андроид телефони на брендови како „Хонор“ и „Шјаоми“, кои беа достапни за 300-400 долари. Компанијата бележеше пад на продажбата на свои смартфони во последно време, што особено беше забележливо во Кина.