Фејсбук ја заврши неделата со намалена вредност од 58 милијарди долари, како резултат на лошата реакција на големиот скандал со злоупотребата на личните податоци.
Основачот Марк Закерберг ја призна грешката и се извини за пропустот, кој погоди 50 милиони корисници, но тоа, сепак, не ги спречи инвеститорите да ги продаваат акциите, додека на социјалните мрежи се прошири кампања #deletefacebook.
Вредноста на акциите на Фејсбук во понеделникот беше 176,80 долари, а во петокот вечер падна на 159,30 долари.
Фејсбук за првпат се појави на берза во 2012 година, нудејќи ги своите акции по цена од 38 долари, што на компанијата ѝ донесе вредност од 104 милијарди долари. Благодарение на зголемувањето на бројот на корисници и реклами, вредноста на акциите во февруари годинава порасна на 190 долари.
Меѓу големите компании кои ги повлекоа своите реклами од Фејсбук се „Мозила“ и „Комерцбанк“, додека Илон Маск ги избриша страниците на „Тесла“ и на „Спејс Екс“.
„Да не се лажеме, Фејсбук е неверојатен медиум за огласување. Но, мислам дека големите компании не сакаат да бидат поврзувани со медиум каде што податоците се злоупотребуваат, особено во политички контекст“, вели аналитичарот Дејвид Кершо.