ФИЛМОВИТЕ НА „НЕТФЛИКС“ ЗАСЛУЖУВААТ ЕМИ, А НЕ ОСКАРИ, ВЕЛИ СПИЛБЕРГ

Лондон, (Индипендент)

Стивен Спилберг, режисерот на блокбастерите кои го променија начинот на кој функционира филмот, никогаш досега не зборувал за стриминг услугите на „Нетфликс“ и „Хули“, компании кај кои расте бројот на скапи продукции.

За време на премиерата на „Играч број 1“, Спилберг се осврна на праксата на „Нетфликс“ да прикажува филмови во киносали една недела, само за да се квалификуваат за Оскарите.

„Не верувам дека филмови кои играат во киносали помалку од една недела треба да бидат номинирани за Оскар”, рече тој.

Спилберг се пожали дека студијата веќе не инвестираат во проекти со среден буџет, како што е неговиот претходен филм „Пост“, туку само трошат пари на сигурни проекти.

„Сѐ помалку и помалку филмаџии ќе се борат за да соберат пари или да се натпреваруваат на Санденс. Повеќето од нив ќе им дозволат на бизнисите кои се занимаваат со СВОД (Streaming video on demand) да им ги финансираат филмовите, можеби со ветување на мала, еднонеделна проекција, за да се квалификуваат за награди. Но, откако ќе се посветите на телевизиски формат, вие сте ТВ-филм. Тоа е како телевизија. Добро шоу заслужува Еми, а не Оскар”, рече тројниот оскаровец.

Меѓу другите филмаџии кои претходно се изјаснија против „Нетфликс“ е и режисерот Кристофер Нолан, кој подоцна се извини за коментарите.