ГРЦИЈА СЕ ОТВОРА ЗА СТРАНЦИ КОИ САКААТ ДА РАБОТАТ НА ДАЛЕЧИНА, НО ЕДЕН ОД ПРОБЛЕМИТЕ Е БАВНИОТ ИНТЕРНЕТ

Атина, (Ројтерс)

Од својата градина на сончев грчки остров, Ровена Хардинг работи со влади и хуманитарни организации од цел свет.

„Мојата работа е таква што можам да ја вршам од секаде. Можам да зборувам со клиенти од Мјанмар, Руанда и Нигерија оттука, од грчки остров“, вели Хардинг.

Привлекувањето на работници на далечина, таканаречени дигитални номади, е меѓу зелените и дигитални реформи со кои Грција планира да ја обнови економијата по пандемијата и една деценија криза. Покрај сонце, море и животен стил, Грција ќе им нуди виза и намален данок за 50% во наредните седум години на професионалците кои ќе се преселат тука. Ова исто така е начин за враќање на дел од 800.000 млади Грци кои ја напуштија земјата во последните десет години.

„И покрај големиот потенцијал, многумина остануваат само неколку недели или месеци поради проблеми кои вклучуваат и бавен безжичен интернет“, вели Дејвид Вилијамс, извршен директор на компанијата за глобален пазар за домување „НомадЕкс“.

Во поглед на поврзаноста, употребата на интернет и дигиталните услуги, Грција е на претпоследното место во ЕУ. Грчкиот фиксен интернет е побавен од оној во Таџикистан, каде што само една четвртина од населението е онлајн. Минатиот месец, премиерот Кирјакос Мицотакис претстави план вреден неколку милијарди евра, кој вклучува и инвестиции во 5Г мрежата.

Во обид да се натпреваруваат со португалска Мадеира, каде што беше отворено село за дигитални номади, Родос претстави Опсерваторија за дигитални номади, а Крит проект наречен „Работа и рај“, ветувајќи можност да се работи од вила покрај море.