Еден од најголемите хитови на „Ганс ен роузис“, „Sweet Child O’Mine“, стана прва песна од 1980-ите која остварила една милијарда прегледи на Јутјуб.

Таа се наоѓа на првиот албум на групата „Апетит за уништување“ од 1987 година и беше објавена како трет сингл една година подоцна. Моќната балада стигна до првото место на топ-листата на Билборд, останувајќи единствената песна на „ГНР“ која успеала во тоа. „Апетит за уништување“ подоцна стана најпродаван дебитантски албум на сите времиња, остварувајќи 18-кратен платинест тираж.

Ганс ен роузис“ ја има и најпопуларната песна на Јутјуб од 1990-ите. Спотот за „Ноемвриски дожд“ од 1992 година лани стигна до бројката од една милијарда прегледи, со што Аксл Роуз и друштвото владеат со две декади на Јутјуб.

Популарноста на „Ганс ен роузис“ одново порасна благодарение на турнејата која почна во април 2016 и досега заработи повеќе од 560 милиони долари, а концерти се најавени и за следната година.