Изложбата „Дејвид Боуви е“ заврши, но таа ќе продолжи да живее во друг облик: преку смартфони.
Таа го обиколи светот во изминатите шест години и даде увид во личните архиви на легендарниот британски пејач, преку кои се истражуваше неговата креативност.
Официјалниот сајт на Боуви вчера објави дека изложбата во форма на виртуелна реалност ќе биде достапна кон крајот на годината.
„Изложбата заврши, но шоуто мора да продолжи! Ова дигитално искуство, прво од таков вид, ќе овозможи зачудувачка, но паметно поврзана низа на аудио-визуелни простори, преку кои ќе можат да се искусат делата и предметите од животот на Боуви. 3-Д скенирањата ќе ги сочуваат и презентираат неговите исклучителни костими и богати предмети до прецизни детали. Гледачите ќе можат виртуелно да влезат во костимите и да се видат во нив“, стои во соопштението на сајтот.
Изложбата ќе ја објави јапонскиот оддел на „Сони мјузик“ наесен годинава и ќе биде достапна на девет јазици.