КАЈЛИ ЏЕНЕР СО ЕДЕН ТВИТ ГИ УРНА АКЦИИТЕ НА СНЕПЧЕТ

Њујорк, (Би-Би-Си)

ТВ-ѕвездата Кајли Џенер предизвика паника на Вол Стрит, откако со еден твит за момент ја намали вредноста на акциите на социјалната мрежа Снепчет за дури 1,3 милијарди долари. Сѐ што направи е што напиша на Твитер дека веќе не ја користи оваа апликација за пораки.

„Па, дали има и други кои веќе не го отвораат Снепчет? Или сум само јас? Тоа е баш тажно“, напиша полусестрата на Ким Кардашијан на Твитер.

Акциите на Снепчет драстично паднаа откако Џенер им се обрати на своите 24,5 милиони фанови на Твитер. Нивната вредност се намали за 8%, но сега повторно е вратена на 17 долари, како кога компанијата се појави на берза во март минатата година.

Снепчет има голема конкуренција во Инстаграм, кој е во сопственост на Фејсбук и реакцијата на Џенер доаѓа во моментот кога инвеститорите се многу загрижени. Таа потоа ја смири ситуацијата.

„Сѐ уште го сакам Снепчет, мојата прва љубов“, напиша таа.

Снепчет се соочи со многу критики, откако во ноември направи нов дизајн на апликацијата, при што сопственикот Иван Шпигел кажа дека на корисниците ќе им треба малку време да се навикнат.