КИНЕСКА КОМПАНИЈА ПОСТАВИ ГИНИСОВ РЕКОРД ЛЕТАЈЌИ 1.374 ДРОНОВИ

Пекинг, (Дејли мејл)

Кинеска компанија постави нов Гинисов рекорд, истовремено летајќи 1.374 дронови, кои покрија површина од повеќе од еден километар.

Тринаесетминутното шоу го изведе компанијата „Еханг Егрет“ во чест на Меѓународниот ден на трудот, при што за 156 дронови беше надминат рекордот што „Интел“ го оствари на отворањето на годинашните Зимски олимписки игри во Пјонгчанг.

За време на ноќната изведба над кинескиот туристички град Шијан, дроновите направија 16 различни 3Д формации, вклучувајќи камила, Буда и брз воз.

Бројот на употребени дронови не беше случајно избран, туку тој алудираше на должината на историските градски ѕидини на Шијан, кои се долги 13,74 километри.

На шоуто биле присутни и претставници од Гинисовата книга, кои го потврдиле рекордот.

„Еханг“ првпат го привлече вниманието на светската јавност во 2016 година, кога претстави концепт на патнички дрон, за кој кажа дека би чинел 300.000 долари.