Луксузните брендови за првпат во голем број се придружија на најголемата шопинг треска на светот, при што помогнаа кинескиот Ден на самците повторно да постави нов рекорд. Имиња како „Баленсијага“, „Прада“ и „Картие“ дебитираа на Денот на самците, со што бројот на луксузни брендови кои понудија свои производи порасна на 200, двојно повеќе од лани.
Денот на самците беше креиран пред 11 години од кинескиот гигант за онлајн продажба „Алибаба“ како спротивност на Денот на вљубените и оваа година за 24 часа биле продадени производи во вкупна вредност од 74 милијарди долари, 39 милијарди повеќе од лани, кога биле нарачани и испорачани 1,9 милијарди производи.
Новина оваа година беше големата бројка на луксузни брендови кои зедоа учество. Тие досега избегнуваа да се вклучат во овој шопинг фестивал на попусти, стравувајќи дека тоа би можело да им го наруши угледот.
„Глобалните брендови бараат алтернативни начини за да ги подобрат своите приходи. Пазарите кои побрзо заздравуваат во пандемијата на коронавирусот, како Кина, се добра можност, а Кинезите продолжуваат да трошат како луди“, вели аналитичарот Енди Халивел.
Годинашниот Ден на самците беше отворен со онлајн настапот на Кејти Пери.