БАРСЕЛОНА ПРЕТСТАВИ 10-ГОДИШЕН ПЛАН ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА УЛИЦИТЕ ОД АВТОМОБИЛИ

Барселона, (Гардијан)

Барселона претстави амбициозен десетгодишен план за тргање на автомобилите од улиците и намалување на загадувањето, што предвидува создавање нови зелени простори и јавни плоштади.

Една од три улици во тешко загадениот централен округ Есампл ќе стане зелена зона, во која предност ќе имаат пешаците и велосипедистите и ќе се креираат 21 јавен плоштад, со што ниеден граѓанин нема да живее 200 метри подалеку од плоштад или мал парк.

„Планот на Илдефонс Серда ја модернизираше Барселона на крајот на 19. век и ние го оживуваме духот на урбаната трансформација, така што ќе го воведеме Есампл во 21. век“, вели заменик градоначалничката Ханет Санс.

Планот што ќе се спроведува во наредните десет години ќе чини 37,8 милиони евра и е продолжение на политиката на суперблокови од 2016, во кои автомобилите не се забранети, но во нив доминираат зеленило, клупи, велосипедски патеки и детски игралишта. Досега се создадени шест вакви суперблокови, а предвидени се уште 11 во следните години, односно повеќе од 500, доколку планот се спроведе во целост. Тие се замислени како тивки оази во градот во кој жителите поседуваат 6.000 автомобили на квадратен километар, најмногу во Европска Унија.

Во пандемијата на ковид-19, и Барселона почна да применува „тактички урбанизам“, со цел да се отворат повеќе јавни простори. Од март, градот создаде нови 29 километри велосипедски патеки и нови 12 километри тротоари.