„Комодоре 64“, најпродаваниот компјутер во историјата и еден од симболите на 1980-ите, се враќа на пазарот, но во помодерно издание.

Едноставно наречен „ТХЕЦ64“, тој ќе содржи современа технологија, а ќе го задржи стариот дизајн, објави производителот „Ретро гејмс“. Неговата цена ќе биде 199,99 долари кога ќе се појави на пазарот во почетокот на декември.

Обновениот компјутер ќе има ретро тастатура во оригинална големина, класичен џојстик и селекција на добро познати видеоигри, како „Speedball“ и „Cyberdyne Warrior“. Ќе има и УСБ конекција за да можат да се инсталираат и други игри.

„Комодоре 64“ се појави во 1982 година по цена од 595 долари. Тој беше прв компјутер во милиони домови и имаше меморија од само 64 килобајти, што денес е рамно на еден долг мејл. Се продаде во повеќе од 17 милиони примероци и своевремено имаше место во Гинисова книга на рекорди како најпродаван модел на компјутер.