Македонија и оваа година ќе биде дел од „Глобал гејм џем“ (Global Game Jam), најголемиот меѓународен настан за креирање игри, што се случува во исто време на повеќе локации низ светот во вид на 48-часовен маратон.

Тој ќе се одржи од 25 до 27 јануари, кога на локациите во Скопје и Битола се очекуваат повеќе од 350 учесници, што опфаќа девелопери, 2-Д и 3-Д уметници, инженери за звук, дизајнери на игри и продуценти.

Целта на „Глобал гејм џем“ е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. На ланскиот настан, кој се одржа на 803 локации во 108 земји, се сретнаа 47.000 џемери и беа создадени 8.606 игри.

Македонија се приклучи во 2013 година од Скопје и Битола. Со досегашно учество на 1.500 професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери, создадени се прототипи на 142 видеоигри, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти.