Кога „Епл“ денеска ќе ги претстави своите најнови „ајфони“, тоа треба да биде голема работа бидејќи „12-ките“ ќе бидат првите смартфони во кои е вграден нов тип на чип. Ова ќе им даде нови големи можности на корисниците, додека во исто време ќе се троши помалку батерија.
Ова се должи на „петнанометарскиот процес“, односно драстичното намалување на транзисторите во чипот. За да се долови колку се мали, 171 милион транзистори се поставени на секој квадратен милиметар од чипот, што ќе ги направи паметните телефони уште попаметни, бидејќи ќе работат побрзо.
Пред само неколку години, луѓето од индустријата се сомневаа дека ова така брзо ќе биде развиено, а „невозможното“ на крајот ѝ успеа на малку познатата холандска компанија „АСМЛ“. Таа откри начин за вдлабнување на систем на електрични кола во силикон преку процесот наречен екстремна ултравиолетова литографија, а машините што ги користи за тоа чинат по 123 милиони долари.
„АСМЛ“ моментално е единствената компанија која прави вакви чипови.
„Прецизноста е клучна во овој процес. Она што го прават тие може да се спореди со лепење поштенска марка на површината на Марс со хартиено авионче“, вели д-р Ијан Катрес, кој пишува за оваа област во магазинот „Анандтек“.