Среде Зимските олимписки игри, Јужна Кореја организираше едно сосема поинакво скијачко натпреварување – за роботи.
Необичната трка се одржа во зимскиот центар Вели Хили во Хонсонг, на еден час возење од Пјонгчанг, и осумте тимови од универзитети, институти и приватни компании се бореа за награден фонд од 10.000 долари.
И додека олимпијците не можеа да возат спуст и велеслалом поради лошото време, нивните механички двојници немаа вакви проблеми.
„Слушнав дека трки од алпското скијање беа откажани поради лошо време. Тоа е штета, но на роботите добро им одеше“, изјави Ли Сок-Мин од победничкиот тим Таекван-В.
Според правилата на трката, роботите мораа да бидат високи барем 50 сантиметри и да имаат независен погонски систем. Од нив се бараше да можат да стојат на своите две нозе, да користат скии и палки и да можат да си ги свиткаат колената и лактите. Поени се доделуваа за секое успешно поминување на капиите, но не сите роботи успеаја да стигнат до целта.