И „ПЛЕЈБОЈ“ СИ ГИ ИЗБРИША ПРОФИЛИТЕ ОД ФЕЈСБУК

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

„Плејбој“ одлучи да ги суспендира сите свои активности на Фејсбук, како одговор на најновиот скандал со масовна злоупотреба на лични податоци, поради што Марк Закерберг дури ќе мора да сведочи пред американски Конгрес.

Најпознатиот магазин за возрасни објави дека ја напушта оваа социјална мрежа и ќе ги исклучи сите свои страници.

Купер Хефнер, креативниот уредник на „Плејбој“ и син на основачот Хју Хефнер, го опиша Фејсбук како „сексуално репресивен“ и додаде дека „неговите содржини и политички насоки сѐ повеќе стануваат спротивни на вредностите на магазинот“.

„Последните вести за злоупотребата на личните податоци на Фејсбук ја зацврстија нашата одлука моментално да ги суспендираме нашите активности на мрежата. Повеќе од 25 милиони луѓе се поврзуваа со ‘Плејбој‘ преку нашите различни страници на Фејсбук и ние не сакаме да бидеме соучесници во нивното изложување на нелегални практики. Затоа одлучивме целосно да го напуптиме Фејсбук“, соопшти компанијата.