ТАНЦ ФЕСТ ПОЧНУВА НА 4 АПРИЛ, НАГРАДАТА „МЕНАДА“ ЗА ФРАНЦУЗИНОТ ДЕШАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Четиринаесеттиот Танц фест Скопје ќе почне на 4 април во Македонскиот народен театар (МНТ), а до 23 април ќе учествуваат уметници и компании од Франција, Швајцарија, Словенија, Австрија, Летонија, Литванија, Чешка, Полска, Унгарија, Словачка и од Македонија.

Уметничката директорка на фестивалот, Рисима Рисимкин, вели дека на свеченото отворање ќе биде доделена наградата за врвни достигнувања во областа на танцот „Менада“, која годинава ја добива францускиот уметник, танчар и кореограф Дидје Дешан.

Советот на Танц фест одлучи наградата „Менада“ да ја добие францускиот уметник, танчар и короеграф Дидје Дешан

Вечерта ќе бидат прикажани две кореографии. Првата е „Орландина“ – соло танцова претстава, посветена на најдобрата современа танчарка од Словенија, Росана Хрибар и Танцовиот театар од Љубљана, во кореографија на Рисимкин.

Потоа следува новата кореографија на младата кореографка Адријана Данчевска со Скопје танцовиот театар, под наслов „Д.О.Л.“, на оригинална музика на Александар Гроздановски.

Скопје танцовиот театар ќе има уште една премиера, „Егзистирање“, на 11 април во Младинскиот културен центар (МКЦ). Премиерите на СТТ ќе гостуваат во Велес на 16 и 17 април.

На 13 април во МНТ, за првпат на Танц фест, ќе биде прикажана современа танцова претстава за деца и родители, „Зик Зак Пуф!“, на швајцарската танцова компанија за деца „Мафалда“ од Цирих.

Детскиот блок продолжува на 14 април, кога во Домот на културата во Штип ќе се одржи таканареченото „Детско гала“, на кое, покрај танцови студија од Македонија, ќе настапат и деца од Холандија и за првпат деца од Кина.

Од 18 до 22 април, во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ќе се одржи програмата насловена „Сподели“, на која ќе учествуваат девет академии и танцови универзитети од Австрија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и од Македонија.

Танц фест ќе се затвори со француската компанија „Покемон“ и претставата „Силанс … он турне“ на 23 април во МНТ.