ПОЧНУВА ЛАНСИРАЊЕТО НА САТЕЛИТИТЕ КОИ ТРЕБА ДА ЈА ПОКРИЈАТ ЦЕЛАТА ПЛАНЕТА СО ИНТЕРНЕТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Лондонска стартап компанија денеска ќе ги лансира првите шест сателити од својот неколку милијарди фунти вреден проект, кој треба да обезбеди интернет во секој агол од планетата. Сателитите се изградени од „Ербас“.

И други компании ветуваа(т) дека ќе создадат ваква таканаречена мегаконстелација, но „УанВеб“ верува дека е во предност со својот оперативен систем. Првите сателити ќе бидат лансирани со ракета „Сојуз“ од Француска Гвајана во попладневните часови по локално време.

Најважната задача во прв момент ќе биде да се обезбедат фреквенциите потребни за пренос на интернет конекциите од мрежата што ќе се создава. Ако ова функционира како што се планира, „УанВеб“ кон крајот на годината ќе почне масовно да го шири остатокот на констелацијата. Планирано е „Сојуз“ да полетува еднаш месечно и со себе ќе носи по 36 сателити, а за да се обезбеди целосната покриеност на Земјата со интернет, ќе бидат потребни 648 единици во орбитата. „УанВеб“ очекува глобалната покриеност да се оствари во 2021.

„Имаме еден тон спектар и го имаме насекаде низ планетата. Ќе поврземе голем број луѓе кои моментално не се поврзани. За почеток ќе се фокусираме на поврзување училишта, бродови, авиони…“, вели извршниот директор на „УанВеб“, Адријан Стекел.

Оваа компанија е основана од американскиот телекомуникациски бизнисмен Грег Вајлер и неговата цел е да создаде густа мрежа сателити, кои ќе летаат 1.200 километри над површината на Земјата.