ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА РАЗВИ СТРАНИЧНИ ВОЗДУШНИ ПЕРНИЦИ ЗА АВТОМОБИЛИ

Берлин, (Мотор1)

Германската компанија „ЗФ“ дизајнираше високотехнолошки странични воздушни перници за автомобили и вели дека е подготвена да ги пушти на пазар.

„ЗФ“ цела деценија ги развивала овие перници и првпат ги покажа на симпозиумот за иновации во германскиот град Манхајм во ноември минатата година. За нив вели дека ја подобруваат безбедноста на модерните автомобили, но би можеле да се применат и кај возилата со автономно возење, кадешто конфигурацијата на седиштата ќе може да се менува.

Перниците се вградуваат во страничните прагови на автомобилот, по должината на кабината. Кога сензорите детектираат судир, перниците се активираат за помалку од 110 милисекунди и моментално ја распределуваат силата на ударот долж целата страна на возилото. Тестовите покажаа дека овие воздушни перници го намалуваат ризикот од пробивот во кабината за 30%, а нивото на повреди за 20-30%.

Компанијата проценува дека први автомобили со вакви перници би можеле да се појават на пазарот за две години.